Дома Обичаи Обичаите „Иванка“ и „Тајане Бојане“

Обичаите „Иванка“ и „Тајане Бојане“

303 views
0

Се смета дека Иванден е еден од најважните празници кај целиот словенски свет. Иванден се слави на 7-ми јули и во него се преплетуваат обичаи и верувања од старата словенска митологија, со празнувањето на денот на раѓањето на Свети Јован Крстител. За Иванден, иако е христијански празник, се прават многу ритуали со билки, бидејќи се верува во нивната магиска моќ. Собирачот на народни умотворби Марко Цепенков запишал:

На ден Иванден арно е да се збираат секакви билки и тревки, многу за арно било: са година здрав ќе бил.

Обично мали девојчиња до пубертетска возраст дента спроти празникот почнуваат со берење на „магиското“ иванденско цвеќе – камилицата. Камилицата често ја нарекуваат и боливач. Цветот на камилицата е жолт со бели ливчиња и многу асоцира на сонцето, па затоа овој празник е поврзан со периодот на летната долгодневица. Кај народот се верува дека тој ден сонцето игра или се превртува трипати и затоа Иванден како празник се паѓа во најтоплиот период од годината.

Откако ќе ја соберат камилицата, девојчињата прават женска кукла. Прво земаат бакарен ѓум и го полнат со вода од три чешми, а потоа од него прават кукла што ја нарекуваат „Иванка“. Иванката може да се накити со прстени, белегзии, ланчиња. Се верува дека откако „ќе преноќеваат“ во ова ѓумче, цвекињата се здобиваат со магиска ноќ, па кога ќе се растури Иванката, девојчињата ги стават цвекињата под перница за да го сонуваат својот иден брачен сопатник.

Фотографиите на Орданче Петров се превземени од каталогот за изложбата „Иванки“, од истражувачите д-р Мери Стојанова и д-р Ели Луческа.

Во Прилепско, Битолско и Крушевско има сличен обичај со друго име „Тајане Бојане“. Групи на момчиња и девојки собираат билки вечерта спроти Иванден. Билките служат да се украси едно ѓумче кое се полни од вода на три чешми, се носи на глава и се вика „Тајане“.

За да ви ја откриеме тајната за „Тајане Бојане“, ви ја споделуваме видео слем поезија на поетесата Маја Малиновска, којашто пристигна на конкурсот за настанот „Сподели го твоето наследство“, којшто ХАЕМУС го организираше во соработка со Poetry SLAM Macedonia повод „Меѓународниот ден на културното наследство“ во 2020 година. Оваа песна е поттикната токму од обичајот во Битола кој се практикува(л) за Иванден и е скоро веќе на замирање.

Традиционално за празникот Иванден се прават кравајчиња, но се прават и многу други обичаи и ритуали, што зависи од регион до регион како се пренесува оваа традиција. Нека е среќен празникот Иванден, некој слави име, а некој слава.

Запомнете, „Женската поворка Иванденка од Ресен“ со Одлука на Влада на Република Македонија, во 2020 година е прогласена за заштитено нематеријално културно наследство, категорија особено значење, поткатегорија исклучително значење. Мора да е многу важен овој обичај и да го познаваме, штом и државата го заштитила на највисоко ниво.

Да ги чуваме и почитуваме нашите обичаи и нашата традиција, за да оставиме наследство и за следните генерации.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here