Дома Интервју Интервју со Ненад Начковски – Ме привлече автентичната убавина во делата од...

Интервју со Ненад Начковски – Ме привлече автентичната убавина во делата од античката уметност

666 views
0

Ненад Начковски работи со ентузијазам и желба за да може македонското образование да се издигне на повисоко рамниште, на ниво каде што квалитетот на учењето и стекнувањето на сознанијата ќе бидат наполно дигитализирани во исчекор со времето и во конкуренција со современите образовни текови во светот. Покрај основната работа, во тоа му погама Mythos, лична платформа пропратена со соодветна Фејсбук страница, која успешно функционира и се користи како отворен образовен ресурсен центар за сите наставници кои изведуваат настава по изборниот предмет Kласичната култура во европската цивилизација. Тој е активен и на својот ЈуТјуб канал, каде постира интересни видеа како што е на пример „Готварството кај Хелените и Римјаните“ и во исто време води интерактивна дискусија со своите ученици.

Со него поразговаравме за неговите почетоци и љубовта кон истражувањето на класичните култури кои на територијата на Македонија се присутни во изобилство.

Како ти се роди љубовта кон класичните студии?

– Додека бев ученик, често прелистував една историска енциклопедија во библиотеката на татко ми. Ме привлекуваше автентичната убавина во делата од античката уметност. Во првата година од средното гимназиско образование изучувањето на латинскиот јазик го разгори интересот за класичните јазици. Кога се запишав на ФЗФ на Катедрата за класични студии во Скопје, се пронајдов себеси. Спознав дека таму припаѓам.

Како го пренесуваш знаењето врз учениците?

– Она што го научив во пракса како наставник е дека најдобриот метод е инспирацијата. За да се постигне таа состојба кај учениците, покрај стилот, комуникацијата и односот кој го градам пред нив, значајна улога игра креативноста и современата технологија. Од тие причини, пред многу години го основав блог-порталот Mythos посветен на љубителите на духовната и материјалната култура на Хелените и Римјаните. Mythos изобилува со мултимедијални и интерактивни образовни ресурси во кои се обработени и дополнети 70% од содржините од наставната програма по предметот Класичната култура во европската цивилизација. Во исчекор со дигитализацијата на македонскиот образовен систем, пристапот кон антиката станува интересно, сликовито и инспиративно искуство.

Овие латинизми ни послужија како инспирација од текстовите коишто професорот Ненад Начковски ги споделува под мотото на Отворени Образовни Ресурси

Како ги мотивираш самите да истражуваат понатаму?

– Претежно ги поттикнувам да учествуваат во групни работни активности или работилници во кои е нагласена самостојноста во изразувањето. На пример, учениците претпочитаат да готват антички рецепти, да изработуваат римски костуми, да украсуваат глинени садови, да изработуваат антички симболи, предмети, фигури, стрипови со митска приказна, а имаат желба и да проследат филмска или документарна содржина. Ги поставувам во таков амбиент што преку симулацијата на античкото творештво им го побудувам интересот за значењето на класичната наука, а особено, како општа цел, љубовта кон минатото и почитта кон културното наследство кои се чувствителен сегмент во ера на технолошко-информатичка револуција.

Кратко инфо:
Ненад Начковски изведува настава по предметите Класичната култура во европската цивилизација и Етика во ООУ „11 Октомври“ и ООУ „Браќа Миладиновци“ во Куманово веќе 12 години. Покрај учества на многубројни семинари и обуки, учествувал и на првата ЕДУКОНФЕРЕНЦИЈА во 2015 година откако бил избран за НајООР наставник за 2014 година под покровителство на Фондацијата Метаморфосис со акцент на добрите пракси преку дигиталните наставни методи. Поборник е за целосно редефинирање на македонскиот образовен систем со примена на современите електронски алатки и технолошки помагала.
Лично мото:
Tempora mutantur et nos magistri mutemur cum illis
(Времињата се менуваат и ние учителите треба да се менуваме со нив)

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here