Дома Наследство Галичката свадба

Галичката свадба

180 views
0

Дали знаете дека во 2018 година The New York Times ја вклучи Галичката свадба помеѓу 9те летни европски фестивали за кои вреди да се патува. За Галичката свадба пишувале и National geographic, Lonely Planet, весникот Guardian и многу други познати медиуми.

Галичката свадба е традиционална годишна народна манифестација која се одддржува во с. Галичник. Во ова село во минатото свадбите се правеле главно на денот Петровден (12 јули) кога обично се враќале печалбарите од далечените земји. Тогаш свадбите знаеле да траат и по цела недела.

За да можеш да ја следиш Галичката свадба, пред да појдеш во Галичник, ќе ти биде потребно да прочиташ многу работи, особено од етнологијата. Во ова мало живописно планинско село ќе видиш како изгледа преубавата галичка носија која тежи 20 килограми, ќе слушнеш каков е писокот на зурлите, ќе доживееш а можеби и ќе научиш како се играат прочуените ора „Тешкото”, „Лесното”, „Чамчето” и др.

Но поради масовното исселување село-град по Втората светска војна, оваа свадба се прекинала. Затоа, во 1963 г. обичајот бил обновен, но овој пат како културно-туристичка манифестација на која се презентираат богатите свадбени обичаи на селото: пречекување на свирачите, играње на „Свекрвиното оро”, китење на свадбарскиот бајрак, носење на невестата на вода, канење на мртвите, канење на кумот, бричење на зетот, на строј, бодињање, земање на невестата и др. Свадбата завршува со венчавањето на младите во соборниот храм „Свети Петар и Павле”. Последниве триесеетина години брачниот пар кој вистински се венчава за Галичката свадба, се избира на конкурс со строго утврдени правила.

Ова е една документарна емисија од далечната 1955 година, во која можат да се видат стари снимки од Галичник и обичаите кои е практикуваат со децении за време на Галичката свадба.

Ако појдеш да ја истражуваш Галичката свадба, ќе се вратиш со впечатоци кои ќе ги паметиш доживотно. Ако веќе сте биле на овој настан, сложете ги вашите впечатоци во еден текст, пратете ни го на info@mladistrazuvac.mk и ние со задоволство ќе го објавиме.