Дома За ХАЕМУС

За ХАЕМУС

ХАЕМУС е центар за научно истражување и промоција на културата за Балканскиот полуостров основан во 2012 година и до денес прерасна во единствена организација од овој вид на Балканот. ХАЕМУС се стерми кон промовирање на научното истражување и култура на Балканскиот Полуостров, нудејќи широк опсег на услуги за културното наследство. Тие спаѓаат во неколку категории, вклучувајќи: истражување, управување со културни ресурси, публикации, образование, промовирање и културен туризам.

Главната и примарна цел на ХАЕМУС е научно истражување во областа на археологијата, историјата, културата и уметноста. Посебно внимание се посветува на споделување на културното наследство на Балканот преку публикување на стручни и популарни книги, брошури, прирачници, каталози и мапи. Целта е запознавање на професионалната и широката јавност со археологијата, историјата и заедничка култура на прецизен и вистинит начин. Исто така организацијата обезбедува консултантски услуги и помош при креирање на аудио-визуелни материјали, како што се аудио-водичи, документарци, видеа и други промотивни материјали поврзани со културното наследство. Организира и различни типови на образовни активности, како што се предавања, работилници, семинари или конференции.

Во тој контекст ХАЕМУС го води и официjалниот UNESCO club HAEMUS, кој помеѓудругото вклучува едукативни тури и јавни предавања под мотото на Отворени Едукативни Ресурси, во согласност со политиките на УНЕСКО за ОЕР. Главната цел е отворен пристап до знаење, особено на Интернет.

Организацијата го публикува HAEMUS Journal (ISSN 1857- 8411) академски електронски часопис посветен на историјата и археологијата на Балканскиот Полуостров, кој исто така, опфаќа широк спектар на поврзани интердисциплинарни проучувања.

ХАЕМУС има неколку свои брендови кои се развиени како долгогодишни самоодржливи програми. Помеѓу нив спаѓаат „Денот на Баба Марта“ кој е производ од улогата што ХАЕМУС ја има како правен носител на Обичајот „Мартинки“ во УНЕСКО и за којшто ги има добиено највисоките награди од Советот на Европа и Европската комисија за култура и  SCUPINI ROMANI – програма наменета за промоција и популаризација на антиката римска култура и наследство.

Во рамките на ХАЕМУС функционира и HAEMUS Travel – креативен бренд од областа на културниот, паметен искуствен туризам кој претставува социјално претприемништво и подружница на организацијата.

Во 2021 година ХАЕМУС ја стартуваше својата програма „Млад истражувач“. „Млад истражувач“ е образовна програма наменета за деца и млади, развиена како резултат од долгогодишната работа на ХАЕМУС во полето на едукацијата, промоцијата и популаризацијата на наследството. Покрај печатени материјали (боенки, брошури, книги, прирачници и интерактивни сетови за истражување), оваа програма е придружена и со „Млад истражувач“ – образовна веб платформа на која се споделуваат материјали под мотото на УНЕСКО за Отворени Образовни Ресуси (ОЕР).

Заради остварување на својата мисија и визија, ХАЕМУС соработува и се вмрежува со институции и организации од домашниот и меѓународниот државен, приватен и граѓански сектор.

ХАЕМУС – центар за научно истражување и промоција на културата го поддржува академското истражување, едукација, популаризација, промоција и менаџмент и управување со културното наследство на Балканскиот Полуостров, како заеднички бенефит од минатото.